Интервју – Џелал Незири: Владата предводена од Џафери ќе ја зацврсти лојалноста на Албанците кон државата

„Трилинг“ направи пишано интервју со Џелал Незири кој е политички аналитичар. Со него ги дискутираме тековните случки со техничката Влада, меѓуетничките односи, анкетите, можниот резултат и потенцијалните коалиции.

1. За првпат премиерот на македонска Влада ќе ја води Албанец. Дали  ова ќе придонесе за подобрување на меѓуетнички односи?

Секако дека да. Ќе зависи и од тоа како г. Џафери ќе менаџира со Владата, како најзначајна или најмоќна институција во нашиот политички систем. Постоело и постои недоверба кон политичарите етнички Албанци кога станува збор за нивно поставување на највисоки позиции. Овој период, иако само 100 дена, може да ја подбри сликата, не само кон перцепцијата на етничките Албанци, туку и во однос на зацврстување на лојалноста на Албанците кон државата.

2. Дали играјќи на македонските национални чувства, ВМРО-ДПМНЕ е против Албанец премиер или се против исклучиво на Талат Џафери како личност?

Противењето на ВМРО-ДПМНЕ кон Џафери е предизборна тактика. Овој е предизборен период и партиите се многу претпазливи на нивните ставови, така што имам впечаток дека ВМРО-ДПМНЕ е сто посто сигурна дека ќе победи и се плаши да не згреши на самиот финиш. Инаку, Џафери беше прв етнички Албанец кој стана министер за одбрана, токму во влада со ВМРО-ДПМНЕ.

3. Како ќе функционира Пржинската влада во ситуација на поларизирана политичка сцена?

Пржинската влада требаше да се укине и изборите да ги организира политичка влада. Во 2016 овој формат беше потребен заради отсуството на доверба кон изборниот процес и институциите и мислам дека ја зеврши мисијата. Сега е само пречка за процесот од причина што станува арена на судир помеѓу позицијата и опозицијата. Извршната власт не е место за таква партиска битка. Како што беше парализирано Собранието, за што државата имаше критики во последните извештаи од ЕК, нефункционална ќе биде и оваа Влада во наредните 100 дена.

4.  Европски фронт предводен од СДСМ, наспроти Европски сојуз на ВМРО-ДПМНЕ. Ковачевски или Мицкоски кој има поголем коалициски капацитет?

ВМРО-ДПМНЕ води во скоро сите анкети. Сепак, предноста на СДСМ е во нејзиниот коалициски капацитет со партиите на етничките Албанци. Ако досегашната владина коалиција настапи заедно на избори, со заеднички листи, тогаш мислам дека исходот може да биде во нивна полза. Во наредните денови ќе знаеме кој како ќе се постави и каква изборна стратегија има.

5. Дали  гласовите на албанската етничка заедница ќе бидат пресудни  за исходот на парламентарните избори, на тоа чиј кандидат ќе ја добие довербата за претседател на државата?

Зависи како ќе се постават политичките партии и какви предизборни коалиции ќе формираат. Ако досегашната влада оди на парламентарните избори заедно, тогаш ќе настапан со зеднички кандидат и на претседателските избори. Во тој случај нема да има многу простор за математики за вториот изборен круг. Ако се оди на настап со етнички коалиции, тогаш ќе имаме најмалку 4 кандидати за претседател, чија перформанса и резултат во првиот круг ќе биде исклучително значајна зошто две недели потоа ќе се одржат парламентарните избори. Првиот круг на претседателски ќе биде најкредибилната анкета за предвидување на резултатите од парламентарените избори.