Столтенберг: Безбедносната ситуација на Западен Балкан сè уште е кревка
НАТО верува дека безбедносната ситуација на Западен Балкан се уште е многу кревка, изјави во петокот генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, посочувајќи дека постои потенцијал за тензии во Косово и во Босна и Херцеговина.
Столтенберг во седиштето на НАТО се сретна со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Шефот на НАТО на заедничката прес-конференција ја повтори загриженоста поради зголемувањето на тензиите и насилството во текот на изминатата година на северот на Косово, што беше причина НАТО да го зголеми своето присуство за дополнителни 1000 војници.
Тој, исто така, потврди дека НАТО продолжува да ја оценува потребата од натамошно прилагодување на своето присуство во Босна и Херцеговина.
„Пораката е дека сите страни треба да се воздржат од запалива реторика и дека мора да се почитуваат територијалниот интегритет и меѓународно признатите граници на Босна и Херцеговина. Ние тесно соработувавме со Европската Унија и во Босна, а сега всушност работиме заедно на теренот. Но, го поддржуваме и нашето воено присуство и на Косово. Дијалог со посредство на ЕУ е единствениот начин да се најде трајно решение“, рече генералниот секретар на НАТО.
По нападот на вооружена група Срби врз косовската полиција во близина на селото Бањска во северно Косово на 24 септември, НАТО го зголеми своето присуство на Косово со илјада дополнителни војници.
Претседателот на Република Српска Милорад Додик во неколку наврати се закани дека РС ќе прогласи независност во БиХ, што вклучува „нов финансиски систем, под контрола на властите на Република Српска“.