Бектеши: Нафтата и дериватите во земјава ќе се со најниска цена во регионот
„Ве уверувам дека цените на нафтата и нафтените деривати во Северна Македонија ќе бидат најконкурентни и најмали ако ги споредуваме со цените на соседите“. Ова денеска го истакна министерот за економија Крешник Бектеши.
„Сите резерви и државни и оперативни се полни. Испораките се прават редовно. Нема простор за грижа и паника, граѓаните да не паѓаат на шпекулации“ – потенцира Бектеши.
Тој во однос на шекулациите дека во маркетите се празнат рафтови, а трговците со нафта и нафтени деривати чуваат резерви со цел да ги продадат по повисоки цени, рече дека инспекциите постојано вршат контроли и оти нема простор за паника.
„Имајќи го предвид капацитетот на Пазарниот инспекторат ние донесовме дополнителна одлука да се вклучи финансиската полиција и Управата за јавни приходи, се со цел да се зголеми бројот на инспектори кои ќе вршат контроли. Инспекциите се вршат и во сабота и во недела. Утре ќе имаме координација со сите кои вршат контрола и ќе ја известиме јавноста во делот на наодите. Колку што имам информации, веќе почнале да се полнат сите рафтови на маркетите, нема колони на бензинските пумпи. Нема простор за грижа, не треба да се создава паника, имајќи предвид дека во континуитет во Северна Македонија, сите трговци, сите диструбутери, сите увозници имаат доволно испорака, согласно потрошувачката која е редовна во нашата држава“ – наведе министерот.
Апелираше до граѓаните да купуваат согласно нивните потреби и доколку забележат празни рафтови во маркетите да пријават на 191 за да постапуваат инспекторите.