Оштетени се 34 болници во Украина

СЗО потврди за неколку напади врз здравствени центри во Украина. Првиот човек на организацијата – Тедрос Аданом Гебрејсус на Твитер напиша дека нападите врз здравствените установи предизвикаа повеќе смртни случаи и повредени.

„Нападите врз здравствените установи или работници ја нарушуваат медицинската неутралност и се кршење на меѓународното хуманитарно право“ – напиша тој.

Министер за здравство на Украина – Виктор Лиашко изјави дека „руските терористи“ веќе оштетиле 34 болници во Украина, поради што некои од нив воопшто не се во можност да даваат услуги.

„Денеска непријателот онеспособи 34 болници низ целата земја. На некои од нив им се уништени зградите, прекинати мрежите, останати се без услуги за снабдување со вода и електрична енергија. На некои целосно им е оневозможено да работат. Тоа е уште едно прекршување на Женевската конвенција, која прецизира дека здравствените работници не можат да бидат вклучени во војна и воени конфликти. Окупаторите го занемаруваат тоа, намерно ги прекршуваат сите одредби од Женевската конвенција и уште еднаш докажуваат дека не се војска, туку терористи“ – изјави Лиашко.