Новак Ѓоковиќ впиша уште една победа на Австралија Опен. Првиот рекет на светот одигра шампионски натпревар против Томаш Ечевери од Аргентина и на крај славеше без загубен сет – 3-0 (6-3, 6-3, 7-6)
Во Мелбурн Ѓоковиќ освои 10 титули и веројатно нема место на светот каде што се чувствува толку добро како во „Род Лејвер Арената“. Тој тоа го покажа и против незгодниот аргентински ас. Ноле, ако во првите две кола загуби еден сет, денес беше на вистинско ниво и со перфектна партија стигна до пласман во осминафиналето. Тоа беше нивни трет меѓусебен дуел. Претходните две исто така завршија со победа на Ѓоковиќ.
Првиот фаворит за трофејот во Мелбурн уште во првиот сет му најави на ривалот дека и овој пат нема да добие шанса за изненадување. Клучен момент беше шестиот гем, кога Ноле го запиша првиот брејк на натпреварот, а потоа ја искористи втората сет топка и поведе со 1-0. Ништо ново не донесе ниту вториот сет. Овој пат Ѓоковиќ до брејк-предност стигна уште во третиот гем и со сигурна игра во продолжение поведе со 2-0.
Во третиот сет го видовме најдоброто од Аргентинецот. Ечевери беше сигурен на свој сервис и овој пат не му дозволи на големиот шампион да стигне до нов брејк, па сетот влезе во тај-брејк. Таму, Ѓоковиќ ја потврди фаворитската улога и со 7-2 впиша сигурна победа и пласман во осминафиналето.
Следен противник на Ѓоковиќ во Мелбурн ќе биде подобриот од дуелот меѓу Манарино и Шелтон.