
Утре е денот „Д“ за М-НАВ – или ќе бидат разрешени директорите, или Контролата на летање ќе го затвори воздушниот простор над Скопје, изјави за Дојче веле претседателот на Синдикатот на М-НАВ Александар Тасевски пред утрешната одлука на Владата, која што на седница се очекува да го каже крајниот збор околу случувањата во М-НАВ, откако директорите коишто беа прозвани од синдикатот, сами не поднесоа оставки на своите функции.
„Оставките се логична последица на случувањата од минатата недела, кога се случи упад и физички напад во Контролата на летање, што резултираше со кривична постапка против неколку лица.Се надеваме дека сето ова што се случи ќе резултира со разрешување на директорите во М-НАВ. Во спротивно покажуваат дека и во Владата не им е битно ништо освен фотелјите“, вели Тасевски.
Тој дополнува дека имаат поддршка и зад ваквиот став стојат сите вработени.
„Ако успееме во тоа – тогаш овој чекор ќе биде поука за секој оној којшто ќе дојде на челото на М-НАВ“, вели Тасевски.
Тасевски во саботата изјави декја Контролата на летање е институција којашто е од државно безбедносен карактер и во нормални земји, упадот во Контрола за летање би се сметал веројатно за тероризам.
„Не станува збор само дека ние одговараме за безбедноста на воздухопловите коишто се од комерцијални цели како патничките авиони. Ние сме служба која ги контролира, односно помага во воздушниот сообраќај на воздухопловите што се на министерството за внатрешни работи на војската“, објасни Тасевски.