Земјоделци протестираат во Германија, со трактори и камиони е блокиран центарот на Берлин

Во Германија утрово штрајкуваат земјоделците против укинувањето на субвенциите. Тие на протест на улиците излегле со трактори, а им се придружиле и камионџиите.

„Билд“ пишува дека првите демонстранти веќе пристигнале во Берлин и се упатиле кон Бранденбуршката порта.

Земјоделците ги блокирале влезовите на автопатите во Саксонија и Баварија.

Слама, сено и сточна храна се пронајдени на патот А93 во близина на градот Селб во Баварија.

Како што претходно објави „Дојче веле“, од утрово практично нема делови од Германија кои нормално функционираат.

На патиштата ќе има илјадници трактори, најавија германските земјоделци за протестот, за кој велат дека ќе биде најголем во историјата.

Најавена е и мапа со градови и патишта чии блокади се очекуваат. Властите ги повикале граѓаните да користат железнички превоз, а работодавачите им порачуваат на луѓето да работат од дома. Училиштата најавуваат онлајн настава.

Полицијата во Бремен очекува да дојдат 2 000 возила.

Наставата ќе се одржува онлајн во некои баварски училишта.

Во средината на декември стотици трактори беа паркирани во центарот на Берлин.

На некои видео снимки се гледа како полицијата се обидува со возилата да им го попречи патот на тракторите, но тие излетуваат од патот и ги заобиколуваат полициските блокади.

Откако Уставниот суд и забрани на федералната влада да прави нови долгови и да внесува одредени расходи во буџетот за 2024 година, во државната каса се создала дупка од 17 милијарди евра.