Надал го откажа учеството на Австралија Опен

Рафаел Надал за жал го откажа учествтото на Австралија Опен поради проблеми со повреда. Работеше напорно шпанскиот тенисер и веруваше дека може да биде подготвен, но на турнирот во Бризбејн кој требаше да биде подготовка за Австралија Опен одново се соочи со проблеми.

Надал победи на два меча, а потоа во третиот повторно имаше проблеми со повреда и беше поразен. По тој меч, Надал истакна дека не е сигурен во неговиот настап во Мелбурн, а денеска потврди дека нема да учествува.

Во својата објава Надал сепак порачува дека останува со позитивни мисли и верува во враќање во продолжение од сезоната.

„За време на мојот последен меч во Бризбејн, имав мал проблем со мускулите кој ме загрижи. Кога дојдов во Мелбурн имав шанса за испитувања, па откривме поткинување на мускул, но добра вест е дека не е делот којшто ми беше повреден.

Во моментов не сум целосно подготвен на максимално ниво за да играм мечеви во пет сета. Поради тоа, се враќам во Шпанија кај својот доктор за да добијам терапија и одмор.

Работев напорно за овој кам-бек, сакав да бидам на врвно ниво. Навистина сум тажен дека нема да играм пред одличната публика во Мелбурн. Имав шанса да играм неколку мечеви во Австралија, а тоа е позитивно. И покрај лошите вести, останувам позитивен во однос на продолжението на сезоната“, објави Шпанецот.