Кривичен: ОЈО не понуди доволно докази за упадот во М-НАВ

Откако Обвинителството најави дека ќе се жали на одлуката на Кривичен наместо притвор да им се определи мерки за претпазливост за четворицата приведени во врска со упадот во зградата на М-НАВ на 4 јануари, Кривичиот суд Скопје пак утрово излезе со соопштение во кое образложува зошто за осомничените е донесена ваква одлука.

Според Обвинителството, со упадот во зградата на М-НАВ на 8 лица (по четворица се уште се трага), сторено е кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај и поради тоа побараа притвор за приведените, но според Кривичен, не постојат доволно елементи за оваа квалификација.

„Во конкретниот случај, според дадениот опис на преземените дејствија од страна на осомничените, а во склоп и на доставените докази во прилог на предлогот, во овој момент не прозилегува дека осомничените во целост ги исполниле условите предвидени во кривичното дело, односно дека со нивните дејствија можеле да предизвикаат тешка повреда, смрт, или уништување или оштетување на уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај“, се вели во соопштението на судот.

Од Кривичен, објаснуваат и дека од обвинителството не понудило доволно докази за инцидентот во М-НАВ.

„Од страна на ОЈО Скопје не се доставени докази – медицинска документација за наводно предизвиканите повреди, нема записник за примање на кривична пријава од оштетениот. Истиот не е сослушан пред ОЈО Скопје, ниту пак се доставени докази дали навистина е настаната тешка повреда и од каков вид е истата. Понатаму не е наведен начинот како преземените дејствија предизвикале или можеле да предизвикаат уништување или оштетување уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај. Воедно мора да се има предвид дека според вонредниот инспекциски надзор на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), утврдено е дека не постои никакво нарушување или загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, а исто така не постои никаков пријавен настан или сериозен инцидент во врска со одвивањето на безбедноста на воздушниот сообраќај, како што и изјави директорот на Агенцијата – Томислав Тунтев“, додаваат од Кривичен истакнувајќи дека поради сето ова одлуката била да се донесат мерки за претпазливост, а не притвор.