
Државниот врв упати честитки по повод најголемиот христијански празник – Божиќ.
Претседателот Пендаровски повика на солидарност, социјална правда, личен интегритет и почит кон различните. Премиерот Ковачевски повика на сплотеност, сите заедно да направиме нов чекор кон изградба на перспективно општество, со среќни луѓе. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ побара на овој ден, да споделиме грижа и топлина и да се сетиме на луѓето на кои им е потребна грижа.
Премиерот Ковачевски за празникот повика на солидарност, истрајност, лична одговорност. Во својата божикна честитка, тој вели: Раѓањето Христово – Божиќ симболизира нов почеток и нова можност, поискусни, помудри и со чисти мисли да пристапиме кон нови добри дела за добро за сите. Само солидарни, истрајни во вербата и со храбри чекори напред може да го постигнеме посакуваниот спокој и да осигуриме просперитет.
Претседателот Пендаровски повика, Христовото раѓање да биде поттик за секој од нас да ја следи божикната порака – мир на земјата, а меѓу луѓето добра волја. Собранискиот спикер Џафри побара солидарност, заемна почит и разбирање.
„Да се сплотиме и да бидеме креатори на сигурната иднина за нашата земја“, повика Џафери.
И претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски повика на сплотеност и обединување. „Да се сплотиме и да застанеме рамо до рамо против предизвиците на новото време кои го ништат нашето општество и кои ја загрозуваат Македонија. криминалот и корупцијата се злото на ова доба, и тоа бара обединување и заедничка борба“, напиша Мицкоски.