Јавниот обвинител во текот на денешниот ден ќе вложи жалби на одлуката на судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, со која беше одбиен предлогот за определување мерка притвор за четворица осомничени за кривично дело „Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“ и им беа определени мерки на претпазливост, соопшти Обвинителството за осомничените за упадот во Контролата на летање на Скопскиот аеродром.
Синоќа, судија на претходна постапка место притвор против ексминистерот и главниот на ДУИ во Чаир Беким Незири, сега вработен во М-НАВ, и уште 3 лица кои беа спроведени во судот, донесе решенија со кои на сите четири лица им се опредлуваат само мерки за претпазливост. Тие се сомничени за „Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“ од чл. 303 ст.2 вв со чл. 22 од Кривиниот законик, кривично дело кое се казнува со најмалку 5 години затвор.
Други четворица осомничени уште се недостапни за органите на прогонот.
Судот ноќеска соопшти дека на осомничените им се определува: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска за нивно јавување на определено службено лице во судот, одземање на патната исправа, односно забрана за нејзино издавање и забрана за комуникација со оштетениот како и меѓусебна комуникација.
Осумтемина напаѓачи на Контролната кула на Скопскиот аеродром не се осомничени за тероризам, иако во моментот на нападот нападнатите контролори воделе 28 авиони на небото над Македонија.
Четворица од напаѓачите по кои МВР уште трага, се надворешни лица кои не се вработени во М-НАВ.
„Осомничените на 4 јануари, со заедничко дејствие на извршување, сториле кривично дело со кое ја загрозиле безбедноста на Меѓународниот аеродром Скопје, незаконски и со намера да извршат дело на насилство против лице ги попречиле услугите на аеродромот. Со нивните дејствија тие ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај во момент кога во воздушниот простор над државава се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ, со што се осомничени дека извршиле кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години. Јавниот обвинител, ценејќи дека во конкретниот случај постои опасност од бегство, можност осомничените да влијаат врз постапката или да го повторат делото, до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за четворица осомничени кои се лишени од слобода, додека по останатите четворица се трага“, соопшти синоќа Обвинителството додека обвинителот беше пред судијата на претходна постапка.