
Бизнисменот Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети, за „Скопје1“ вели дека пиротехниката најдена во неговиот автомобил била легално купена.
Тој не смета дека сторил кривично дело, па затоа ќе бие правна битка.
„Во овој момент, нема да коментирам детали бидејќи во тек е истрага и постапка, а мојот правен тим работи на тоа. Можам да го кажам само ова, пиротехниката беше купена легално, а сите други подароци во автомобилот беа за моите внуки и внуци“, вели Дрин Ахмети.
Ахмети кој беше уапсен на 30 декември под сомнение дека поседувал големо количество пиротехнички средства, ризикува затворска казна од 3 до 10 години.
Јавното обвинителство ќе го спроведе вештачењето на одземените средства за понатамошна постапка во насока на проверка и квалификација на кривичното дело.
„Тој што прекршувајќи го законот преработува, чува, продава, нарачува, посредува во трговија или разменува огнено оружје, муниција или распрскувачки материи, ќе се казни со затвор од 3 до 10 години“, се вели во Кривичниот законик, член 396.