Камбаните на „Биг Бен“ и спектакуларниот огномет на бреговите на Темза го означија почетокот на Новата година во Лондон. Илјадници луѓе во еден глас си пожелаа здравје и среќа.
Осветлената авенија „Шанзелизе“ и проекциите на триумфалната капија ја оправдаа титулата на француската престолнина. Претседателот Макрон порача дека оваа година ќе биде година на гордост и надеж за французите.
„Само еднаш во сто години можете да бидете домаќини на Олимписките и Параолимписките игри, само еднаш во илјада години можете повторно да изградите катедрала. 2024 година ќе биде година на решителност, на одлуки, на закрепнување, на гордост“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Небото над Берлин повторно осветлено од огномет. Регистрирани напади со пиротехника врз полициски службеници и припадници на службите за спасување. Околу 300 лица се уапсени, а 15 полицајци повредени. Полицијата уапси тројца осомничени мажи за планиран напад врз катедралата во Келн.
„Ова е успех за кој сакам да изразам искрена благодарност до истражителите“, изјави Херберт Реул, министер за внатрешни работи на Северна Рајна Вестфалија.
Инцидент и во Њујорк. Најмалку девет лица се повредени кога автомобил влетал во толпа луѓе во Медисон. Сепак, желбите и пораките на граѓаните одекнаа посилно.
„Посакуваме љубов, мир и среќа“.
„Не дозволувајте злото да ве собори“.
Раселените Палестинци пак Новата година ја дочекаа во импровизирани кампови во надеж дека војната наскоро ќе заврши.
„Не чувствуваме дека има Нова година поради интензитетот на болката во која живееме – сите денови се исти“, изјави Камал ал Зеинати, жител на Газа.
„Мојата желба е повторно да се сретнеме во нашите домови“, Фајза ал-Зеинати, жителка на Газа.
Борби и воздушни напади и во Украина.
Во централна Јапонија земјотрес од 7,4 степени по Рихтер, предупредување за цунами. Бран од метар и 20 го погоди брегот Виџима, се очекува 5 метарски бран да го погоди и Ното.