Советот на Европската унија во саботата постигна договор за делумен прием на Бугарија и Романија во Шенген зоната во воздушните и поморските пристаништа, објави шпанското претседателство.
Одлуката е донесена со консензус на сите земји-членки, по писмена процедура откако Австрија попушти и дозволи делумен влез на двете балкански членки во Шенген. Ова е последната одлука донесена за време на шпанското претседателство, кое завршува на последниот ден од 2023 година.
Од 31-ви март следната година ќе бидат укинати граничните контроли на внатрешните гранични станици, засега само во воздушниот и поморскиот сообраќај. Датумот 31-ви март е избран бидејќи тогаш почнува летното сметање на времето и летниот распоред на летовите во авиосообраќајот.
Договорот следеше откако Бугарија и Романија потпишаа заедничка декларација со Австрија во која се обврзуваат да ја интензивираат борбата против илегалната миграција.
„Присуството на Фронтекс на бугарско-турската граница треба да се зголеми најмалку тројно, а контролите на копнените граници меѓу Бугарија и Романија и меѓу Романија и Унгарија ќе треба да се зајакнат“, се вели во заедничката декларација на трите земји.
Бугарија и Романија со години чекаат да влезат во Шенген зоната и сега добија само делумен пристап до зоната без контрола на внатрешните граници.
Уште во 2011 година, Европската комисија заклучи дека двете земји ги исполнуваат сите услови и постојано ги повикуваше земјите-членки да го одобрат нивниот влез, но една или повеќе земји секогаш се противеа.
Комесарот за внатрешни работи Илва Јохансон истакна дека сега е неопходно „да се обезбеди слободно движење и во копнениот сообраќај“. „Ќе продолжам активно да го поддржувам процесот на целосно пристапување во 2024 година“, рече Јохансон.