Кинотеката прикажа новопримени архивски филмски материјали

На последната официјална филмска проекција за 2023 година во Кинотеката на 28 декември беа прикажани дел од новопримените филмски материјали што Кинотеката ги прибра во годинава што изминува.

Една од основните дејности на Кинотеката, поточно на Одделението за прибирање, заштита, обработка и чување на филмови и филмски материјали, односно на Филмскиот архив при Кинотеката – е прибирањето на филмови и придружни филмски материјали кои се поврзани со Македонија.

Така, Кинотеката годинава оствари соработка со реномираниот Филмски музеј „Ај“ (Eye Filmmuseum) од Амстердам, Холандија, Кинотеката на регионот Савоја (Cinémathèque des Pays de Savoie et de l’Ain) од Франција, Компанијата „Филмске новости“ (Filmske novosti) од Белград, Србија, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје и повеќе приватни лица.

Повеќето од филмовите се црно-бели, без тон и се настанати во период од четириесетина години, од 1912 до 1952 година.

– Меѓу филмските материјали е деветминутен нем филм под наслов „Балканска војна“, кој е прибран од Филмскиот музеј „Ај“ од Амстердам, а е во продукција на француската компанија „Пате“ и го покрива период од Балканските војни од 1912 година сѐ до периодот непосредно по завршувањето на Првата светска војна. Во него се прикажани снимки што одлично ја илустрираат атмосферата на војната.

Вториот, осумнаесетминутен црно-бел филм под наслов „Од Листервелд до Охридското езеро – увид во народниот живот во Јужна Србија“, исто така е прибран од холандскиот музеј „Ај“. Снимен е во периодот меѓу двете светски војни и целосно е посветен на Македонија. Во него е употребена соодветна македонска музика, а има и написи на холандски јазик што го илустрираат прикажаното. Во филмот се прикажани сцени од животот во Македонија во тој период: земјоделци, говедарство, лачење на волна, ткаење на разбој, Хавзи-пашините конаци во с. Бардовци, градот Скопје, турски гробишта, исламски сакрални објекти, Старата чаршија и занаетите, како и манастирот Св. Архангел Михаил во Варош крај Прилеп, манастирот Св. Наум Охридски на Охридското Езеро, снимки од езерото во населбата Варош во Охрид, тесните калдрмисани улички во охридската чаршија и многу други снимки од тогашна Македонија.

Третиот филм што е преземен од музејот „Ај“ е снимен меѓу двете светски војни, со титли на англиски јазик и со наслов „Пулсот на Југославија“. Филмската архива на Кинотеката е дополнета и со филмот „Кралството Југославија“, кој е преземен од Кинотеката на регионот Савоја од Франција – опишува д-р Атанас Чупоски, филмолог советник во Кинотеката.