МПЦ-ОА поднесе жалба на решението за уривање на крстот на Попова шапка

Тетовско-гостиварската епархија на МПЦ-ОА поднесе жалба до второстепен орган на решението на општинскиот градежен инспектор за уривање на крстот кој е поставен во дворот на манастирот Свети Наум Охридски на Попова Шапка.

Оваа информација ја потврдија за ТВ 24 од Тетовската епархија и велат дека го запазиле рокот за жалба, но не знаат за колку време ќе имаат одговор поради новогодишните празници.

А со своја реакција на социјалните мрежи се огласи и секретарот на Општина Тетово, Дарко Коцевски кој беше обвинуван токму на интернет платформите дека ставил потпис и одобрил да се руши крстот на Шапка. ТВ24 се обиде да стапи во контакт со него но тој одби бидејќи подготвувал правни дејствија и не сакал повтѕорно да биде злоупотребен од злонамерници.

„Сакам да потенцирам дека како секретар на Општина Тетово, немам ниту донесено ниту потпишано било какво решение за отстранување на Крстот во дворот на Манастирот на Попова Шапка. Воедно сакам да разјаснам, дека јас како секретар на општината ниту имам овластувања ниту ингеренции да донесам такви управни акти согласно Законот за инспекциски надзор, туку овластените градежни инспектори се самостојни во своето постапување.“ – вели Дарко Коцевски секретар на Општина Тетово.

Општионскиот инспектор Садат Сулејмани веќе соопшти дека е донесена одлука за над 5000 решенија за уривање на различни објекти а крстот ќе бил отстранет кога ќе дошло време за тоа бидејќи и тој немал соодветна дозвола. Но, немањето дозвола за поставување на крстот не треба да биде главен проблем на општина Тетово, тој сепак е поставен на манастирски имот и претставува верско обележје, вели Претседателот на комисијата за односи меѓу верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски.

На неколку пати Стојанче Ангелов потенцираше дека крстот на Шар Планина нема да биде тргнат. Пред десетина дена две маскирани лица го симнаа знамето на Македонската православна црква – Охридска Архиеписопија од јарболот во дворот на манастирскиот комплекс „Свети Наум Чудотворец“ на Попова Шапка и на негово место го поставија знамето на Албанија. Тој вандалски чин беше снимен од камерите од видео-надзорот на манастирскиот комплекс. Потоа од МВР информираа дека приведено е едно лице на 33 годишна возраст од Мала Речица поради овој инцидент и вратено на МПЦ е знамето на јарболот.

Овој случај ги подгреа не само политичките туку и етничките односи во државата. Дел од ставовите се дека и вакви потези се сценарио за добивање на политички поени пред изборите закажани за на пролет.