Мукаетов: Во година исполнета со многу предизвици, успеавме да ги осигураме пласманите на сите педесет пазари и да го задржиме континуитетот на раст на продажбите и надминување на зацртаните планови
„2023 година на глобално ниво беше исполнета со многу предизвици: нестабилни цени на суровини, пад на индустриско производство во регионот, раст на инфлацијата, покачување на каматните стапки… Се соочивме со големи пореметувања во синџирот за набавки, флуктуации на цените и недостаток на некои суровини и материјали, но особено ми е драго што и покрај ваквите специфични услови на функционирање, ние успеавме да ги осигураме пласманите на сите педесет пазари каде сме присутни и да го задржиме континуитетот на раст на продажбите и надминување на зацртаните планови”, вели Генералниот директор на Алкалоид АД Скопје, Живко Мукаетов во видео обраќање до вработените.
Како што вели во обраќањето, повторно, во кризни услови, и оваа година продолжиле со нивните инвестициски активности.
„За инвестициските потфати во изминативе пет години, чиј износ достигна сума од 104,1 милиони евра, „Алкалоид“ го доби признанието за „Најголем инвеститор во регионот на Западен Балкан“ од страна на Регионалниот коморски форум Western Balkan Six. Во 2023 година ја привршуваме изградбата на мега инвестицискиот проект „Таблетно одделение 2“ кој очекуваме да овозможи диверсификација и значително зголемување на нашите производствени капацитети за цврсти форми”, вели Мукаетов.
Мукаетов вели дека во динамична индустрија каква што е фармацевтската, пласманите обично кореспондираат со инвестициите, вештините и знаењето, кои изминативе две децении ги насочувале кон глобално позиционирање на брендот „Алкалоид“.
“Планираме да алоцираме повеќе ресурси во истражување и развој, со цел понатамошна модернизација на генеричкото портфолио, дополнето со патентирани производи со додадена вредност”, најавува Мукаетов.
“Во моментов, „Алкалоид“ е компанија на преку две илјади и осумстотини семејства, а секој еден член на големото семејство алкалоидовци придонесува нашата успешна приказна да продолжи да расте и да се развива”, посочува Мукаетов.
“Пред нас е повторно година полна со неизвесности. Во вакви турбулентни времиња, на вас, нашиот најзначаен ресурс, единствено би ви посакал да останеме на позитивниот курс и во духот на компаниското мото: Здравјето пред се, да ја потврдиме перцепцијата на „Алкалоид“ како компанија која е достоинствено исправена и подготвена да одговори на сите предизвици”, им порача на своите вработени Генералниот директор на Алкалоид.