Судот во Москва вчера осуди двајца мажи на строги затворски казни затоа што читале поезија со која се осудува рускиот напад врз Украина.
Артјом Камардин е осуден на седум години затвор, а Јегор Штовба на пет години и шест месеци, на што нивните поддржувачи одговорија со извикување „срамота“.
Руските власти приведоа илјадници луѓе поради протести против офанзивата во Украина, а критиките практично се забранети во таа земја.
Триесет и тригодишниот Камардин изјави дека времето во притвор му било особено насилно и дека полицајците го силувале и го принудиле да сними видео со извинување упатувајќи и се закани на неговата девојка.
Пред апсењето, тој ја рецитирал својата песна „Убиј ме милицијан!“ на московскиот плоштад каде што неистомислениците се собираат уште од советската ера.
Камардин извикуваше и навредливи слогани против империјалниот проект „Нова Русија“, чија цел е анексија на југот на Украина.
И двајцата беа осудени за „говор на омраза“ и „повикување на активности кои ја загрозуваат државната безбедност“.
Камардин пред судот изјави дека не знаел дека неговите постапки го прекршиле законот и побарал милост.
„Јас не сум херој и одењето во затвор поради моите верувања никогаш не беше дел од моите планови“, рече Камардин во изјавата објавена од неговите поддржувачи на Телеграм.
„Ова е тотално нечуено!“, рече неговиот татко Јури по пресудата.
За поддршка на обвинетите дојдоа родители, сопруги и дваесетина пријатели.
Присутна беше сопругата на Камардин, Александра Попова.
„Тоа е многу тешка казна. Седум години за песни, за ненасилно дело“, рече Попова пред и таа да биде приведена.
Ова е последната во серијата остри казни против Русите кои протестираат против офанзивата, а критичарите сметаат дека таквите судења се апсурдни.