Зеленски: Разговарав со папата за формулата за мир во Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека вчера со папата Франциск разговарал за мировната формула за Украина.

„Разговаравме за нашата заедничка работа за имплементација на украинската мировна формула. Над 80 земји веќе се вклучени во овој процес на ниво на нивните претставници. И ќе има уште“, рече Зеленски.

Зеленски рече дека му се заблагодарил на Френциск за неговите Божиќни честитки, како и за неговите желби за праведен мир за сите нас.

Тој најави дека следниот пат за мировната формула на Украина ќе се разговара во Давос, Швајцарија, но не прецизираше датум.

Како дел од неговите мировни напори за Украина, Папата испрати специјален пратеник, италијанскиот кардинал Матео Зупи, во Киев, Москва, Вашингтон и Пекинг.

Во својата божиќна порака Папата повика на прекин на бројните конфликти, вклучувајќи го и оној во Украина. Во ноември, повторувајќи ги неговите упорни повици за прекин на насилството во Украина и на Блискиот Исток, тој рече дека „мирот е можен“ и дека „не смееме да се откажеме“.