Доколку партиите не се договорат за изборот на нов член на ДИК нема ништо спорно актуелниот состав да работи и без нов член вели собранискиот спикер Џафери.
Со или без него соодносот во ДИК нема значајно да се промени вели собранискиот спикер кој додава дека сепак се е во рацете на партиите и како ќе успеат да се договорат, а доколку не успеат во тоа се уште има време и за распишување на нов оглас за избор на член на ДИК, но за тоа одново ќе треба да почне процедурата и да биде свикана и нова седница.
Во пресрет пак на формирањето на преодната техничка влада која стапува на сила на 28 јануари, Џафери денеска брифираше и околу останатите пропишани рокови односно дека околу 26 ти треба да биде свикана седницата за новата влада, а неколку дена претходно ќе треба тој и премиерот Ковачевски да ги депонираат своите оставки.
Изборите пак ќе бидат распишани на 14 или 15ти февруари, а Собранието ќе си работи во полн состав до почетокот на април со тоа што на пратеничкото местото на Џафери кој ќе биде технички премиер ќе дојде Муса Ибраими а функцијата претседател на законодавниот дом ќе ја врши Јован Митревски координаторот на пратеничката група на СДСМ.
Џафери пак посочи дека на престојните избори ќе се кандидира за уште еден пратенички мандат, а нема претензии за кандидат за шеф на државата. Сепак вели како премиер на техничката влада нема да прави некои тектонски промени, а за местото на Груби дополнително ќе се произнесат.
Во меѓувреме албанскиот опозициски блок пак и денеска си го бара своето место во ДИК.
– Законот е јасен. Опозицијата е дефинирана на последните парламентарни избори. Не може да се прогласи за опозиција кој формирал политичка партија пред два месеци. Денеска ги алармиравме сите меѓународни фактори во земјата и им кажавме дека нашите демократски алатки за борба против овој феномен кој се обидува да ги монтира демократските избори се на крајот и ако наидеме на уште повеќе глуви уши, ќе бидеме принудени да ги радикализираат нашите постапки. – вели Орхан Муртезани Алтернатива.
Министерот Лога пак денеска одговарајќи на прашање за ДИК посочи дека можеби најдобро решение би било ДИК да се зголеми за уште еден член повеќе отколку во досегашните состави кои ги имаше.
Поканата пак на албанскиот опозициски блок Алијанса да коалицира со нив веќе подолг период е актуелна, но и покрај сите покани одлуката на Таравари одеше во насока на тоа дека сами ќе настапат на престојните избори а за евентуални понатамошни коалиции не конкретизираше.