По смртта на родилката од Делчево, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) денеска ќе врши инспекциски надзор во болницата во Штип каде што првично била примена 26-годишната девојка. Првите информации од инспекцискиот надзор се очекуваат во текот на утрешниот ден.
Во врска со случајот денеска се огласија и од штипската болница. Оттаму посочуваат дека родилката била примена на Одделот за гинекологија и акушерство утрото околу 10 часот на 26 декември, за породување.
Десетина минути по приемот во болницата, како што соопштија оттаму, пациентката колабира, со ниска тензија и немерлив пулс, по што веднаш била пренесена во операциона сала, каде што била породена со царски рез.
„Направено е итно породување со царски рез на бебето, кое е веднаш транспортирано на Детска клиника, а поради голема количина на крв во абдоменот, четворица хирурзи почнуваат операција за спас на пациентката. И покрај дадената крв и крвни деривати и операција, пациентката предоперативно, за време на операцијата и постоперативно е со тешка клиничка слика и хемодинамски нестабилна“ – се вели во соопштението на штипската болница.
Поради таквата состојба на пациентката, додаваат оттаму, одлучено е таа да биде префрлена на натамошен третман на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) во Скопје.
Од штипската болница соопштуваат дека Комисијата за контрола на квалитет и етички прашања вчера ја разгледала документацијата за случајот и утврдила дека нема пропусти во третманот на пациентката.
„Бидејќи секако овој случај ќе биде предмет на анализа на институции кои ја контролираат нашата работа, ќе почекаме да видиме што е причината за ваквиот исход и дали од наша страна е постапено според медицинските протоколи и медицина базирана на докази“- додаваат од Клиничка болница – Штип.