Бобан Илиоски и Мери Акиевска се најдобрите спортисти во Македонија за 2023

Во организација на Агенцијата за млади и спорт и Сојузот на спортски федерации синоќа по 69. пат се одржа „Избор на спортист на годината“.

Бобан Илиоски и Мери Акиевска се овогодинешните лауреати.

Илиоски годинава имаше два големи успеси. Прво беше светски првак во кик бокс во категоријата лоу кик, а потоа го освои и бронзениот медал на Европското првенство во мау таи.
Во женска конкуренција, Акиевска по втор пат во својата кариера ја доби наградата за спортистка на годината. Таа по трет пат стана светска првенка во бодибилдинг и фитнес.

Тренерот на Бобан Илиоски и селектор на македонската репрезентација во кик бокс, Дејан Митровски е најуспешен тренер за 2023 година.

Во младинска категорија, најдобар спортист е каратистот на Макпетрол, Витомир Трајковски, додека таеквондистката Милијан Рељиќ ја доби наградата за најдобра спортистка.

Во екипна конкуренција, женската ракометна репрезентација на Македонија е најуспешен женски национален тим, додека во машка конкуренција тоа е одбојкарската репрезентација.
Одбојкарите понесоа уште едно признание, односно Одбојкарската федерација е прогласена за најдобра откако беше еден од ко-домаќините на Европското првенство изминатото лето.

Најуспешен спортисти со инвалидитет е пливачот Андреј Стојановски.