Ковачевски: Над 600 илајди домаќинства ќе продолжат да добиваат субвенционирана струја до 90 отсто
Премиерот Димитар Ковачевски во неговото интервју за „Цивил“ кажа дека продолжува мерката за субвенционирана струја до 90%, за над 600 илјади семејства. Дополнително, тој објасни дека со Програмата за енергетска сиромаштија ќе се помогнат уште пет илјади ранливи семејства.
„За ранливите, корисниците на надоместок заради попреченост, самохраните родители – корисници на гарантирана минимална помош и родителите на деца со попреченост до 26 години, обезбедивме поддршка по 2.000 денари во период од 5 месеци. Дополнително, 5.000 ранливи семејства ги поддржуваме преку Програмата за енергетска сиромаштија.Исплатите и на оваа финансиска поддршка ќе бидат кон крајот на овој месец“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека пакетот на антикризни мерки исто така содржи мерки за финансиска поддршка за домаќинствата за инвестиции во обновливи извори на енергија, односно до максимум 80.000 денари поддршка за фотонапонски панели, до максимум 15.000 денари за соларни системи и до максимум 25.000 денари за инсталација на ПВЦ.
Со мерките на Владата не се запоставени ни пензионерите, кои во следните пет месеци ќе добиваат дополнитена финансиска поддршка.
„Пензионерите, со пензија до 14.000 денари добиваат по 3.000 денари месечно финансиска поддршка во наредните 5 месеци пензионерите. За 5 месеци тоа е поддршка од вкупно 15.000 денари. Пензионерите пак со пензија од 14.000 до 16.000 денари добиваат по 2.000 денари месечно. Оние пензионери со примања помеѓу 16.000 и 19.000 денари во следните 5 месеци, добиваат поддршка од 1.500 денари. Исплатите на оваа финансиска поддршка пензионерите може да ја очекуваат кон крајот на овој месец, за неколку дена и не треба ниту да аплицираат, ќе им стигне на нивните сметки“ рече Ковачевски.