Израелската армија го откри досега најголемиот тунел во Појасот Газа
Израелската армија (ИДФ) денеска соопшти дека го пронашла досега најголемиот тунел во Појасот Газа во близина на граничниот премин Ерез кон Израел, кој го користеше исламската екстремистичка група Хамас за напади.
Тунелот е долг околу четири километри, педесетина метри под земја, а на некои места, се чини, е доволно широк за да можат да поминуваат возила, но не навлегува на израелска територија.
Еден од влезовите во тој тунел е пронајден на само 400 метри од преминот Ерез, преку кој палестинските цивили влегле во Израел за да работат и да се лекуваат.
ИД соопшти дека во текот на изминатите неколку недели, борбените инженерски единици Јахалом и северната бригада на дивизијата Газа ги користеле „најсофистицираните разузнавачки и технолошки средства“ за да ја пронајдат стратешката тунелна мрежа, да ја скенираат и да ја отстранат секоја потенцијална закана.
Тунелот има неколку краци и раскрсници со водоводни, електрични и комуникациски инсталации, тврдат од ИД.
Во некои области биле пронајдени непробојни врати, за кои се вели дека биле поставени за да се спречи влез на израелски војници. Во тунелот е пронајдено оружје кое му припаѓа на Хамас.
Ширината на тунелот покажува дека тој бил користен за напади со возила врз цивили во пограничните населби, изјави командантот на северната бригада на дивизијата Газа, полковник Хаим Коен.
Неодамна, во тој тунел наводно биле убиени неколку членови на Хамас.
ИД, исто така, тврди дека копнената офанзива против Хамас во Газа, започната на 17 октомври, десет дена по почетокот на војната, овозможила да се откријат информации за проектот тунел на Хамас.
Војската објави и видео кое го најде во Газа на кое се гледа како инженерите градат тунел користејќи специјална опрема за копање.
Во изградбата, наводно, учествувале тим од десетици екстремисти на Хамас, а проектот го водел Мухамед Синвар, командант на јужната бригада и брат на водачот на организацијата во Газа, Јахја Синвар.
Според воените проценки, Хамас инвестирал милиони долари во својата мрежа на тунели низ појасот Газа.
Од почетокот на копнената офанзива, војниците откриле повеќе од 800 влезови во тунелите и веќе уништиле околу 500.
Покрај тоа, тие спроведоа успешно тестирање на испумпување на морска вода во тие тунели под Газа со цел да ги уништат.
Запрашан дали таквата тактика би можела да ги загрози заложниците, од кои некои се во тунелите на Хамас, портпаролот на израелската армија Даниел Хагари неодамна изјави дека армијата дејствува според информациите што ги има за локацијата на заложниците и се грижи да не им наштети.