ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со меѓусебни обвинувања за тоа кој е виновен за европската блокада

СДСМ вели дека единствени виновни за блокадата на европскиот пат на земјава се Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и нивните политики, додека, пак, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема меѓународен извештај или странски претставник кој не нотирал за криминалот и корупцијата кои го јадат системот.

Во соопштението на СДСМ, се наведува дека поради блокадата на опозицијата во Собранието, Македонија не ги отвори поглавјата од преговорите со Европската Унија и покрај тоа што земјата имаше успешен скрининг-процес, без притоа да добие нови услови од ниту една земја членка на Унијата. Велат, Мицкоски ги ставил своите лични интереси пред интересите на македонскиот народ и граѓаните кои живеат во Македонија.

„Мицкоски и ДПМНЕ се криви за блокадата на европскиот пат. Со ДПМНЕ нема ЕУ, има изолација, неизвесност и стагнација. Граѓаните и конкретно се уверија дека единствен кочничар на европскиот пат е анти-ЕУ коалицијата на ДПМНЕ и Левица“, се вели во соопштението на СДСМ.

Од друга страна, најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, одговори со низа критики адресирани кон власта. Велат, вистинската причина зошто никој не се заангажирал за Македонија како за Украина и Молдавија се високата корупција и криминал во власта, и дека на земјава ѝ се потребни промени, по кои конечно ќе може да тргне напред.

„Од друга страна, преполни се устите на носителите на власта, СДС и ДУИ, како тие создале силни меѓународни конекции и приjaтелства. Ако е така, зошто не договорат во текот на гласањето, ако Бугарија е единствената пречка, да го напушти состанокот и да нема вето за преговори со Македонија. Фактот што Македонија е блокирана е резултат на слабата меѓународна политика на власта. Тоа што Македонија прифаќа диктати е заради неспособните Ковачевски и Османи“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.