Путин вели дека Русија ќе ги постигне своите цели во Украина

Рускиот претседател Владимир Путин откри кога може да има примирје во Украина. На прашање на новинарот Павел Зарубин на годишното обраќање кон нацијата Путин изјави:

– Ќе има мир кога ќе ги постигнеме нашите цели. Тие не се сменија. Денацификација на Украина, демилитаризација на Украина.

Путин рече и дека Русија е под закана и дека самото постоење на нашата земја без суверенитет е невозможно… целата земја не може да постои без суверенитет“, укажувајќи дека Русија бара целосна капитулација на Украина, пишува Гардијан.

Путин, исто така, беше запрашан дали ќе има нова рунда на мобилизација во Русија, на што тој вели дека Русија има доволно оружје за војниците и доволно подготвени регрути во моментот за да се зголеми бројот на руските вооружени сили на 500.000 до крајот на годината.

– Зошто ни е потребна мобилизација? Денеска нема потреба од мобилизација – одговори тој.

Потоа тој даде информација за тоа колку војници моментално има на фронтот:

– Линијата на фронтот е долга преку 2.000 километри. Таму има 617.000 луѓе во зоната на конфликтот.

Путин, исто така, тврдеше дека воената помош за Украина од запад пресушува и дека земјата наскоро ќе остане без странско оружје за да се спротивстави на руската инвазија.