Бислимоски: Ако се прифатат барањата од енергетските компании, цената на струјата од 1 јануари ќе се зголеми за 27%

РКЕ ги доби барањата за определување на нови тарифи на АД МЕПСО Скопје, Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје и МЕМО ДООЕЛ Скопје. Станува збор за три од пет елементи што ја сочинуваат крајната цена и врз кој РКЕ има надлежност да ги утврдува.

„Доколку се прифатат барањата од енергетските компании цената на електричната енергија од 1 јануари ќе се зголеми за 27%, но дали и колку ќе има зголемување ќе покажат деталните анализи. Сега влегуваме во процес во кој што детално ќе се скенираат сите трошоците на овие три компании и Ве уверувам дека ќе бидат прифатени и одобрени само оние ставки што ќе овозможи стабилна и сигурна испорака на електрична енергија исклучиво по принцип на домаќинско работење“ изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Од 1 јануари РКЕ ќе го заoкружи процесот на транспарента сметка со тоа што во месечната фактура освен цената на електрична енергија и цената за мрежарината (во која што влегува пренос и дистрибуција), ставката за дистрибуција ќе се раздвои и со подставка пристап до мрежа.

„Станува збор за порано употребуваниот фер принцип за сијалично место – пристап до мрежа. Практично тоа значи дека најголем број на потрошувачи ќе добијат пониски сметки за мрежарина, додека оние кои користат викендички ќе плаќаат за пристап до мрежа. Со оваа реформа ќе се закружи процесот на фер сметки и ќе се обезбеди правична распределба на трошоците меѓу оние кои редовно ја користат мрежата, од другите кои тоа го прават повремено, како во викендичките, или пак поради тоа што користат сопствено производство на струја од фотоволтаици. “ изјави проф д-р Рубин Талески, од ФЕИТ.