Брисел не крева раце од Украина, Борел тврди: Ќе продолжиме со воената помош и поддршка за пристапување во ЕУ

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, денеска изјави дека Брисел сака да и помогне на Украина со обезбедување дополнителна воена помош и да и овозможи на таа земја да стане полноправна членка.

Борел на платформата Х напиша дека воената поддршка на ЕУ за Украина мора да биде одржлива и зголемена и дека отворањето на преговорите е приоритет на Украина и дека Киев го заслужува тоа.

Лидерите на ЕУ оваа недела ќе донесат важни одлуки, посочи Борел.

Во Брисел денеска се одржува состанок на министрите за надворешни работи на Унијата со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, а Кулеба пред средбата изјави дека би било „погубно“ и за Украина и за ЕУ ​​доколку лидерите на Унијата не дадат зелено светло на преговорите за членство на Киев на самитот, подоцна оваа недела, пренесува Ројтерс.

Кулеба им рече на новинарите дека не може ни да замисли какви катастрофални последици би можеле да настанат доколку Европскиот совет не донесе одлука за пристапување на Украина.

– Сите клучни препораки на Венецијанската комисија се имплементирани во украинското законодавство… – одговори Кулеба на новинарско прашање зошто Киев е убеден дека постигнатите реформи се доволни за да се задоволат барањата на Унгарија.

Кулеба изрази уверување дека процесот на проширување на ЕУ ќе продолжи и дека Украина ќе биде во Унијата.

– Но, останува прашањето дали некој ќе успее да го забави овој процес или Киев непречено ќе влезе во ЕУ – посочи Кулеба.