Спасовски: Се вештачи оружјето поврзано со двојното убиство

„Во тек е вештачењето на двете парчиња огнено оружје, кои се најдени и се поврзуваат со двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Кога ќе заврши нивното вештачење, анализите ќе бидат доставени до Основното јавно обвинителство“ истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој одговараше на новинарски прашања по посетата на СВР-Куманово.

„Истрагата се води во Обвинителството, не во медиумите“ порача тој.

На прашањата на новинарите за повеќе детали за возило на убиениот Жежовски, за тоа од кога е одземено, до кога е користено каде било во меѓувреме, Спасовски посочи дека со поднесување на кривични пријави деталите се разгледуваат таму, на основа на приберените податоци.

Тој додаде дека не би можел да сподели повеќе информации, зошто тоа не е добро за истрагата.

Посочи и дека се изнаслушани шпекулации во овој период, на политиканства и се она што произлегува од овој аспект.

На новинарско прашање дали е точно дека инспектор давал информации за истрагата на познаници и пријатели низ Скопје, Спасовски истакна дека доколку е тоа точно ќе има одговорност.

-Кога во истрага сите шпекулации ги изнесуваме во јавноста, може да се влијае на самата истрага. Тоа не е добро. За било каква активност што е нелегална, без разлика дали е инспектор или некој друг, ќе си сноси одговорност, доколку постои такво нешто, кажа Спасовски.

Вања Горчевска беше киднапирана и убиена на 27 ноември, а меѓу петмината осомничени е и нејзиниот татко.