Јован Митрески ќе биде претседател на Собранието: Како и досега, ќе работам максимално посветено

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, ќе биде претседател на Собранието за време на 100-те дена техничка влада пред редовните парламентарни избори на 8 мај.

Вака синоќа одлучи Извршен одбор на владејачката партија, од чии редови ќе биде избран следниот спикер на местото на Талат Џафери, кој пак од претходно е предложен од ДУИ за прв премиер Албанец во временски период од три месеци.

„Чест ми е, голема е честа, но уште поголема е одговорноста која што доаѓа со таква, исклучително важна државничка позиција. Благодарен сум на укажаната доверба од страна на раководството на СДСМ. Како и досега, максимално посветено и одговорно ќе работам за интересот на граѓаните, државата, угледот и дигнитетот на македонското Собрание“, се огласи Митрески.

СДСМ одлучи партискиот генерален секретар, Миле Зечевиќ, да биде предложен за шеф на изборниот штаб за кампањата за парламентарните избори во 2024 година.