Трамп повторно на суд, сега одлучи да не сведочи

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп објави дека одлучил да не сведочи по вторпат на судење за граѓанска измама во Њујорк.

Трамп на својата социјална мрежа напиша дека многу успешно сведочел минатиот месец и дека не гледа потреба повторно да се појавува.

Трамп денеска требаше да се врати на говорницата како последен главен сведок на одбраната во случајот, кој ја загрозува неговата империја со недвижнини и го нарушува неговиот имиџ како успешен бизнисмен, соопшти агенцијата.

Но, тој на својата социјална мрежа со големи букви напиша дека нема да сведочи во понеделник.

За време на неговото сведочење на 6 ноември, Трамп често беше воинствен и ја нарекуваше „луда“ јавната обвинителка на Њујорк Летиција Џејмс, која сега го тужи.

Поранешниот американски претседател ги отфрли сите обвинувања.

Да избереше да сведочи денеска, адвокатите на Трамп ќе го спроведоа сослушувањето, но тој ќе беше вкрстено испрашуван од адвокати кои ја застапуваат државата.

Потсетуваме, судијата што го водеше граѓанскиот случај против Доналд Трамп во Њујорк под обвинение за измама му нареди на поранешниот американски претседател да престане да зборува, заканувајќи му се со казна за секој прекршок.

Трамп претходно ги користеше социјалните мрежи за да го нападне судијата Артур Енгорон од државниот суд во Њујорк во Менхетен.

Тој им рече на адвокатите на Трамп и на претставниците на државниот обвинител на Њујорк, Летиција Џејмс, која го иницираше случајот за измама, дека нападите врз неговиот персонал се „неприфатливи, несоодветни и нема да бидат толерирани под никакви околности“.