СДСМ вечерва нема да разговара за евентуалните кандидати за претседател на државата на следните избори.
-На вечерашнава седница нема да биде на дневен ред претседателскиот кандидат на СДСМ, изјави премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, но истакна дека претседателскиот кандидат ќе биде од редовите на неговата партија како што беше и на минатите избори.
Тој ова го изјави одговарајќи на новинарско прашање дали неговата партија би поддржала претседателски кандидат од ДУИ со оглед на вчерашната изјава на министерот Бујар Османи оти следната цел на ДУИ е претседател на државата зашто тоа е едиствената функција која сè уште има етнички монопол.
-Сите политички партии имаат свои амбиции, но претседателски кандидат ќе биде од редовите на СДСМ како што беше и на минатите избори и ќе ја има најшироката поддршка од политичките партии и граѓанските организации, поединци и така натаму, и тоа ќе биде претседателот на државата и во следниот мандат, кажа Ковачевски.
Портпаролот на ДУИ и министер за надворешни работи, Бујар Османи вчера изјави дека следната мисија на владеачката партија е претседател на државата. За неговата партија, назначувањето на Џафери за технички премиер е историски чекор ама од партијата на Али Ахмети, фрлаат око и на претседателката фотелја за шеф на државата.
-Кога Талат Џафери беше избран за претседател на Собранието, се направи вистински пуч. Но, кога беше избран по втор пат, тоа веќе не беше новост бидејќи беше скршен монополот за Албанец да биде претседател на Собранието. Вториот монопол е на претседателот на државата, но тоа е следната мисија на ДУИ, рече вчера Османи од Чаир.