СДСМ тактизира со кандидатите. Актуелниот претседател Стево Пендаровски на пет месеци пред претседателските избори јавно не открива дали има намера да се кандидира за нов мандат. И во средата (6.12), како и неколку наврати претходно тој порача дека засега не размислува за кандидатурата, бидејќи е фокусиран на актуелниот мандат. Додека претседателот чека ишарет и од граѓаните и од политичките партии, во СДСМ се подготвува теренот и за претседателските и за парламентарните избори. Премиерот Димитар Ковачевски е убеден дека на пролетните избори ќе извојуваат двојна победа, пишува Дојче Веле.
„На претседателските избори на 24 април победник ќе биде претседателскиот кандидат предложен од СДСМ и коалицијата која што се залага за европска интеграција на Македонија. На парламентарните избори на 8 мај на вториот круг на претседателски избори победник ќе бидат и претседателот предложен од СДСМ и коалицијата предводена од СДСМ и јас повторно ќе бидам мандатар. И тоа ќе бидат и претседател и Влада со кои што Северна Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ“, рече Ковачевски во интервју за емисијата „360 степени“.
Профилот на кандидатите
СДСМ својот претседателски кандидат за изборите закажани на 24 април 2024 година ќе го бира преку дефинирана процедура, најдемократски, најавува премиерот. Партијата веќе има исцртано и профил на кандидат којшто се бара: станува збор за претседателски кандидат којшто треба да се залага за европска интеграција на државата, за надворешна политика која што е целосно усогласена со НАТО и ЕУ, којшто ги почитува меѓународните договори на државата и Преговарачката рамка со ЕУ.
„Треба да ги почитува сите граѓани без разлика на нивната, пред сè, етничка и која било друга припадност и претседателски кандидат којшто има визија за Северна Македонија како полноправна членка на ЕУ – со економски раст, со врвно владеење на демократија и право и социјална сигурност. Тоа е победничкиот кандидат и тоа е профилот на претседателски кандидат којшто СДСМ ќе го понуди и којшто ќе треба, нормално, да ги дели вредностите на нашите коалициони партнери“, вели Ковачевски.
Актуелниот претседател на државата Стево Пендаровски „апсолутно влегува во профилот“ којшто го бара партијата, но дали СДСМ ќе истрча со веќе проверениот кандидат или ќе исфрли ново име во трката за претседател се очекува да стане појасно во наредниот период. Партијата засега не ги открива адутите со кои ќе се обиде да ја освои довербата на граѓаните. Во јавноста, пак, со месеци наназад во изборниот барабан се вртат неколку имиња од владејачката партија, меѓу кои и на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кои имаат амбиции да се кандидираат за највисоката функција.
„Ниту не – ниту да“
Претседателот Стево Пендаровски во своите јавни изјави изминатиот период не вели ниту не, ниту да на прашањето дали ќе се кандидира за претседателските избори. Тоа пак отвори можност за различни толкувања во медиумите, кои алудираа на тоа дека Пендаровски би можел да се откаже од трката за втор мандат, што веднаш беше демантирано од негова страна.
„Изборите се догодина, закажани се за април и за мај. Имаме доволно време после Нова година да размислуваме за тие работи, но во овој момент моите мисли се насочени кон семејствата на настраданите и се разбира, во рамките на мојата функција да го изработам до крај мандатот во согласност со потребите на граѓаните кои ми ја дадоа честа да ја водам државата пред четири и пол години“, изјави деновиве Пендаровски. Изјавата следи по обелоденувањето на веста за грозоморното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска, што предизвика огромна тага во земјата.
„Не знам кој нормален човек, граѓанин на нашава Македонија или политичар најмалку би можел во вакви траорни времиња низ кои поминуваме да размислува за власт, за избори, за мандати“, вели Пендаровски.
Претседателот и претходно во неколку наврати порачуваше дека е фокусиран на работата за која што го плаќаат граѓаните, а тоа е актуелниот мандат, но и дека треба да се види каква ќе биде поддршката од граѓаните и од партиите.
„Ако го анализираме неговото работење во изминатите пет години, тој апсолутно ги исполнува овие вредности и затоа тогаш и бил кандидиран. Бидејќи претседателот Пендаровски беше кандидиран како консензуален кандидат. Да не заборавиме дека тој беше поддржан отворено од коалиција која вклучуваше партии на Албанците“, нагласи премиерот, кој не открива конкретни имиња за кандидат на СДСМ за следните претседателски избори.
Додаде дека повикот од неговата партија за консензуален претседател не е само за ДУИ и Алијанса за Албанците, туку за сите партии што ги споделуваат вредностите за кои се залага СДСМ и рече дека тој ќе се кандидира на изборите и тоа во изборната единица еден.