Спасовски: Политиканството во вакви случаи на убиства уште еднаш ги убива жртвите

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска запрашан за коментар на изјавите на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за наводни пропусти во врска со истрагата за двојното убиство во Скопје и Велес рече:

„Политиканството во вакви случаи на убиства уште еднаш ги убива жртвите. Тоа не е добро и нема никаква цена која може да биде оправдана од ваков вид. Тоа се политиканства од најдолен вид кои ги преземаат такви екстремни десничарски кругови. Не посакувам да се впуштаме сите во политиканство, туку да се работи сериозно, до крај да се проширува истрагата, да се откријат сите факти и докази. Сите тие криминални радикални гнезда, како што истакнав, мора да бидат разоткриени и целосно уништени. Затоа што хранењето на мотивите на такви луѓе може да предизвика сериозни последици”.

Тој истакна дека „секако дека се испитуваат и многу видови комуникации кои биле изминатиот период, и со осомничените и со лица надвор од оваа група. Сметам дека ќе се дадат и многу други одговори во однос на конекциите. Тоа е важно за истрагата, за тие радикални структури да бидат целосно разбиени”.

Апелираше до сите за одговорно однесување и потенцираше дека сите оние коишто велат дека имаат докази да ги предадат на истражните органи, бидејќи доколку не ги предадат – тоа е кривично дело.