Мицкоски: Истрагата за Вања започна предоцна

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, синоќа во интервју за ТВ Шења оцени дека истрагата во врска со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска започнува предоцна и оти за случајот се реагирало ненавремено. Вели дека во истрагата има големи недостатоци и додава дека има сериозни информации за тоа што го тврди.

Прашан зошто за случајот не се реагирало брзо, како што тврди и самиот, Мицкоски посочи дека ќе дојде денот кога на ова прашање ќе дадат одговор, бидејќи сега одговорот би бил залуден.

„Многу брзо од денеска јавноста ќе ги знае сите детали. Има детали и големи недостатоци во истрагата. Но тоа сега нема да го дискутираме бидејќи како политичка парија, а и јас лично бевме надвор од сето ова намерно за да не се создава впечаток, како тие што создаваа со децата од Смилковско и малата Тамара. Затоа не се мешавме и воопшто да не влијаеме на процесот за да не бидеме лошо сфатени. Но, за месеци од денеска сето ова ќе биде изнесено на лице пред јавноста и ќе знаат луѓето што направиле овие луѓе. Тие информации што јас ги знам се озбилни“ – изјави Мицкоски.

Основното јавно обвинителство Скопје вчера покрена истрага за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски за чие грабнување и убиство се осомничени истите лица.

Во случајот се осомничени пет лица. Четворица како соизвршители на грабнување и две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие), а петтиот е осомничен за помагање при извршување на кривичното дело – грабнување на малолетно лице.