За првпат по 111 години постоење, славниот Сантос испадна од прва лига

Неверојатни сцени во Бразил, каде Сантос пропушти шанса да остане во Серија А.

Еден од најпознатите фудбалски клубови во Бразил и Јужна Америка следната сезона ќе биде во втората лига – по поразот во последното коло од бразилското првенство, Сантос се сели во понизок ранг, првпат во клупската 111-годишна историја.

Клубот кој на светот му го подари Пеле, еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, а потоа и Нејмар, ќе се натпреварува во втората лига на бразилскиот фудбал, иако пред последното коло имаше се во негови раце!

Победа на домашен терен против Форталеза ќе го оставеше славниот Сантос во елитно друштво, но, не успеаја да стигнат до неа. Со голот на Месијас во 58. минута Сантос го израмни резултатот откако Марињо ги доведе гостите во водство во првото полувреме, а кога се очекуваше целосен пресврт следеше шок.

Фудбалерите на познатиот клуб плачеа на теренот, солзите не можеа да ги сокријат ниту луѓето од клупата, а плачеше и целиот стадион.

И додека некои навивачи плачеа на стадионот, имаше и такви кои не можеа да ги контролираат емоциите, но на далеку поопасен начин.

Во текот на ноќта гореа улиците околу стадионот во населбата Вила Белмиро, а од Сао Паоло можеше да се забележи густ чад.

Најжестоките приврзаници тешко се помирија со судбината и преселбата на нивниот сакан клуб во второто по ранг натпреварување во Бразил.