Основачот на Епл пристигна во Србија: Компјутерскиот гениј е Србин

Стив Вознијак, еден од двајцата основачи на Епл, ќе добие српски пасош, потврди Александар Вучиќ, претседателот на државата.

Вознијак, кој се здружи со покојниот Стив Џобс за да го основа Епл во 1976 година, пристигна во Србија во пресрет на парламентарните и локалните избори на 17 декември, како очигледен гест на поддршка за претседателот Вучиќ и неговата популистичка десничарска владејачка партија, според Асошиејтед прес (АП).

Вознијак изјави дека се чувствува „многу среќен“ што е во Србија и дека тој и неговата сопруга Џенет, која исто така добива пасош, отсега ќе ја „промовираат“ Србија. Тој рече дека ќе стане Србин кој живее во САД.

На заедничката прес-конференција во Белград, Вучиќ рече дека за Србија е „чест“ да им подари пасоши на Вознијак и неговата сопруга.

„Сега можеме со гордост да кажеме дека компјутерскиот гениј е Србин“, рече Вучиќ.

Посетата на Вознијак, која беше најавена во вторникот, наиде на неодобрување од опозициските партии, кои ја обвинија владата и владејачката Српска напредна партија (СНС) дека му плаќале на Стив Вознијак за ПР настапи.

„Никој не му платил да дојде во Србија, да биде сосема јасно“, изјави српската премиерка Ана Брнабиќ.

Вознијак изјави дека е поканет да го посети поранешниот врвен српски тенисер Јанко Типсаревиќ, истакнат член на Српската напредна партија на Вучиќ.

Вознијак (73) доживеал благ мозочен удар додека присуствувал на деловна конференција во Мексико Сити во ноември.

Стив Вознијак го напушти Епл во 1985 година за да се занимава со широк спектар на други интереси, но остана жесток поддржувач на компанијата и нејзината технологија.