Жена избодена додека го носела детето на училиште во Велс
29-годишна жена е пренесена во болница во Јужен Велс откако била избодена со нож додека го носела своето дете на училиште.
Бројни училишта низ Велс веднаш беа затворени по овој инцидент, но веднаш не беше објавено за што точно се работи.
Потрагата по осомничениот се уште трае, а според очевидци, тој ја избодел жената неколку пати.
Граѓаните на новинарите им кажале дека мислеле дека се работи за трудница, пренесува Гардијан. Таа била пронајдена во локва крв на тротоар во Аберфан.
Од полицијата соопштија дека повредите на жената не се опасни по живот и дека и била соодветно третирана.
„Осомничениот го напуштил местото на настанот веднаш по инцидентот и истрагата е во тек. Вооружени полицајци вршат претрес на непосредната околина. Локалните училишта ги активираа своите протоколи за да ги заштитат учениците. Ги молиме луѓето да ја избегнуваат областа за да можеме ефективно да го истражуваме овој инцидент. Жената е пренесена во болница со повреди за кои се верува дека не се опасни по живот“, се вели во соопштението на полицијата.
Училиштето Гринфилд на социјалната мрежа Икс (Твитер) соопшти дека ги заклучило вратите и дека учениците се внатре.
Затворено е и блиското основно училиште „Инисовен“.
Нападот се случил на околу 800 метри од местото на трагедијата во Аберфан во 1966 година, во која загинаа 116 деца и 28 возрасни лица кога планински врв се урна врз селско училиште.