Во Црна Гора денеска почнува пописот на населението, а претседателот на Собранието на Црна Гора, Андрија Мандиќ изјави дека во осум часот на терен ќе излезат 3.000 попишувачи.
За РТЦГ, Мандиќ изразил задоволство што владата, опозицијата и сите надлежни институции во Црна Гора се договориле за прашањето за пописот.
„Повеќе од 3.000 попишувачи ќе почнат да вршат важна работа. Успеавме да постигнеме договор кој вредеше да се чека три години, а зад овој попис стојат сите релевантни политички сили и честитам на власта и опозицијата, како и на националниот совети“, рече Мандиќ.
Тој посочи дека никој не треба да врши притисок никого да се изјасни на пописот, бидејќи податоците се анонимни.
Тој додаде дека предложениот софтвер е многу важен механизам, нагласувајќи дека Монстат ги заслужува сите пофалби што му ги дал Евростат.
„По неколку одложувања, попишувачите почнуваат да вршат важна работа“, рече Мандиќ.
По повод почетокот на пописот, премиерот Милојко Спајиќ на социјалната мрежа „Х“ изјави дека Црна Гора покажала дека има функционални институции и одговорни поединци подготвени да градат мостови за европската иднина.
„Го поздравувам трудот и придонесот на сите кои учествуваа во преговорите и подготовката на Пописот на населението, домаќинствата и становите. За само еден месец од првиот состанок најдовме мерка на компромис во која сите се задоволни. Им благодарам и на Парламентот за неговата ефикасност и одлучност да биде силна поддршка во овој процес“, рече Спајиќ.