Денеска се спроведе една обемна полициска акција на подрачјето на Струга, Одделот за сузбивање на сериозен и организиран криминал, заедно со Одделот за специјални полициски операции со ОВР Струга и под координација на ЈО за гонење организиран криминал спроведоа акција за разбивање на голема криминална група која делувала на подрачје на Струга и регионот.
Станува збор за 23 члена организирана криминална група од коишто еден е од Охрид, еден албански државјанин кој живеел во Струга, а останатите се сите од Струга. Во моментов приведени се 19 лица, по тројца се трага, едно од лицата веќе има кривично дело во кое има мерки на обезбедување од претходно. Извршени се претреси на 36 локации, се работи за организирана криминална група која делувала во продажба и трговија со наркотична дрога и продажба и трговија со оружје. Ова се лица коишто се однесуваа насилнички во периодот на целата истрага која се спроведуваше. При претресите пронајдени се кокаин, марихуана, масло од канабис, други видови дрога, парични средства, автомобили… Преку криминалистичка обработка имаме целосно обезбедени докази за овие лица.
И овој случај ја покажува решителноста во борбата против криминалот и корупцијата за која говорам изминатиот период. И тоа што беше стравување, нешто што предизвикуваше неспокој на граѓаните на Струга сега е решено и ќе се решава во други координирани акции на територијата на целата држава.
Кога зборуваме за објава на војна на криминалните структури, зборуваме за сериозен пристап и изведување пред лицето на правдата на сите кои се одговорни, напиша министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на Фејсбук.