Тренчевска за протестите: Да бидеме реални, платите некаде се зголемени и за 100 отсто
Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска кажа дека протести на улица може да се видат во земја каде што владее демократијата, за разлика од порано кога никој не смееше да протестира, одговарајќи на новинарско прашање за протестите на УПОЗ.
„Легитимно е да се протестира, меѓутоа е легитимно и да се информира јавноста, дека е потпишан новиот општ колективен договор каде што и УПОЗ се членки во Сојузот на синдикатите. Со новиот договор платите во септември на сите вработени во јавниот сектор ги зголемивме за 10 отсто. Предвидено е и зголемување на платите во септември 2024 и од март 2025 да може да се воспостави новата методологија, со коефициенти помножени по просечна плата. Тоа е договорот кој што после 16 години го склучивме со Сојузот на синдикати и се договоривме дека тоа ќе биде методологијата за раст на платите“, вели Тренчевска.
Таа потсети дека во минатото, во цела јавна администрација, судство, образование, здравство, полиција, градинки беа покачени платите на неколку наврати по најмалку 10 отсто.
„Легитимно е да се протестира, но треба да бидеме реални колку беа платите во 2017 колку се сега. Ќе видиме дека платите некаде се дури и за 80, 90 и 100 отсто покачени од она што беше претходно“, додаде Тренчевска