Владата на денешната седница преку надополнета одлука, им пренесе овластување на надлежните министерства сами да можат да одлучат за издавање одобрение за прелет и слетување на рускиот воздухоплов за време на одржување на триесеттиот министерски состанок на ОБСЕ во Скопје, во период од 29 ноември до 1 декември 2023 година, соопшти МНР.
На денешната Владина седница е донесено дополнување на Одлуката за воведување рестриктивни мерки во поглед на активностите на Руската Федерација со која се ограничува пристапот на воздухопловот на Руската Федерација, а согласно со Регулативата на Советот на ЕУ од Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, со која Република Северна Македонија е целосно или 100 отсто усогласена.
Како што наведуваат од МНР, дополнувањето е согласно регулативата на ЕУ и одредбите во самите рестриктивни мерки со кои за меѓународните конференции како што е ОБСЕ се предвидени исклучоци за предметните рестрикции.
Руски медиуми пред неколку дена пренесоа дека Русија побарала од Северна Македонија, која претседава со ОБСЕ оваа година, да издаде визи за нејзината делегација за министерскиот состанок од 30 ноември до 1 декември. Русија, според руските медиуми, бара визи за 85 членови на руската делегација за учество на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје. Во делегацијата ќе бидат рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, „неговиот лекар, техничкиот персонал, обезбедувањето“, 17 дипломати, меѓу кои и портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, и 24 новинари, наведуваат руски медиуми.