Рама: Неопходно е НАТО да го зголеми бројот на војници во Косово

Албанскиот премиер Еди Рама во Скопје изјави дека е неопходно НАТО да го зголеми бројот на војници на Косово и да ја гарантира границата со Србија.

„Јас укажав на неопходноста од зголемување на силите на НАТО во Косово и на неопходноста да се гарантира границата меѓу Косово и Србија, која е ефективно надвор од контрола“, рече Рама на заедничката конференција со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и лидерите на земјите-членки на НАТО од регионот.

Премиерот на Албанија истакна дека „границата меѓу Косово и Србија е ефикасно надвор од контрола и дека е во служба на нелегални активности, шверц на оружје, наркотици и политички активности со ултранационалистичка позадина, што предизвикува големи нарушувања , како што е настанот во Бањска, каде што животот го загуби припадник на косовската полиција“.

Рама изјави дека настанот во Бањска откри голем потенцијал за дестабилизација и ескалација на конфликтот и дека е неопходно да се отворат дијалог и преговори меѓу Косово и Србија.

Премиерите на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, Албанија, Еди Рама, Црна Гора, Милојко Спајиќ и претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, учествуваа на неформалниот состанок на лидерите на земјите од НАТО од регионот со Столтенберг.