Пожар во фабрика за бои и лакови во тетовско Фалише

Пожар во фабрика за бои и лакови во тетовското село Фалише избувнал утринава околу 10:30 часот. Од пожарот излегува црн чад и се шири силен мирис и затоа има препорака населението што живее блиску до пожарот да не престојува на отворено и да не ги отвора прозорците од домовите.

Во гаснењето на пожарот, покрај тетовските пожарникари, се приклучиле и нивните колеги од Скопје, Гостивар, Велес и Куманово.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека, поради алармантноста на ситуацијата, побарана била помош од гостиварските приватни фирми кои можат да помогнат со машинерија.

„Побарана е помош за расчистување на материјалите што се во магацинот, а не се фатени од пожарот“ – велат од ЦУК.

Оттаму додаваат дека било координирано пожарот да се гасне и со хеликоптер од МВР, но поради густата магла во градот немало можност за интервенирање од воздух.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов вели дека било побарано од полицијата, заради безбедноста на минувачите, да ги затвори улиците кои поминуваат покрај фабриката.

Исто така, Ангелов рече дека било побарано и од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) да биде испратена мобилна станица за мерење на квалитетот на воздухот. Оттаму, како што рече Ангелов, добил одговор дека МЖСПП не располага со таква станица.