Швајцарија, Романија и Холандија обезбедија пласман на ЕП 2024

Фудбалската репрезентација на Холандија ја оправда фаворитската улога и со победа над Ирска на домашен терен (1-0) обезбеди место на Европското првенство (ЕП) кое ќе се игра во 2024 година.

„Лалињата“ имаа доминантна игра со повеќе од дваесет шута кон противничкиот гол, но еден погодок им донесе „виза“ за настанот во Германија. Човек на одлука беше Воут Вегорст кој во 12. минута ја смести топката во голот на Ирците кои имаа само еден шут кон голот на ривалот на кој стоеше Вербруген.

Покрај Холандија, на ЕП 2024 од Групата Б патува и Франција која забележа рекордна победа над Гибралтарците (14-0).

Место на Европското првенство (ЕП) обезбеди и Романија, која го победи Израел на неутрален терен со 2-1.

Изралеците први поведоа уште во 2. минута преку Захави, арно ама Пушкаш и Хаџи се погрижија за пресврт-победа на источноевропската селекција. Овој резултат е поволен и за Швајцарија која е втор патник на континенталниот собир од групата И.

Швајцарците дома ремизираа со Косово (1-1), но овој резултат поради победата на Романија не им ја загрози позицијата.

Во 47. минута Варгас донесе позитива за домашниот тим, додека ремито за хендикепираниот гостин кој играше без тројца првотимци беше дело на Хисени во 82. минута.