За вакцините

„Патриотизам е мирни и спокојни улици, деца на тротоарите со мајки на клупите, патриотизам е чисти влезови, културни комшии на каса, познавање на литературниот јазик и граматиката“

Господа вакцинирани (што ќе кркаме пак:) и господа невакцинирани.

Да прејдеме на ТИ.

Државата, колективот, заедничкиот интерес се нешто многу поразлично од денешните трендови. Трендови како „капитализам”, „индивидуализам”, „персонализирана натална карта:)”, лични приоритети и потреби.

Имено, можеш да имаш посебно поштенско сандаче и поубаво и поголемо и на копче и со камерче… ама не може целиот влез да се претвори во ТВОЕ ПОШТЕНСКО САНДАЧЕ.

Ако си одлучил да живееш во зграда, во град, во држава, во ЦИВИЛИЗАЦИЈА, треба да знаеш дека не си сам. Дека твоето гомно тебе ти мириса ама генерално смрди и дека не е поентата да користиме право на дискусии и дебати туку да имаме обзири, да имаме свест и да имаме човечност. Некои работи не се дебатираат, туку се подразбираат.

Што се однесува до вакцините, не знам тука, може по светот имаше случаи кои едвај чекаа да примат вакцина. Како и да е, никој од бес или од досада не оди да се вакцинира. Вакцината е едно од решенијата (дури не се појави ново)

Вакцината постои за да се спаси колективното здравје, за да се спаси економија (колективна егзистенција), за да може да се продолжи понатака.

Премногу егоистички и исклучително лицемерно се става вакцината на листата убијци на нашиот век, а прженици разни палмини масла во производите, разни меса убиени од преработување и видоизменување, тие се прифатливи до таа мера да ги поистоветуваме само со убави настани…убава скара/убава свадба:).

Заедницата има потреба да се заштити, колективот има потреба да продолжи.

Не е поентата во вакцините, туку во чувството за заедница, во грижата за другиот, во самоконтролата како не би се нанела штета поради наш кејф.

И да се привршува. Патриотизам не е навивање, скандирање, знамиња виорење, пеење разноразни географски песни и останати активности од тој тип.

Патриотизам е мирни и спокојни улици, деца на тротоарите со мајки на клупите, патриотизам е чисти влезови, културни комшии на каса, познавање на литературниот јазик и граматиката.

Патриотизам не е да пренесеш преку „бацка” ни обичен стомачен, а камо ли друг вирус.

Вие најдобро знаете што е што, да не се лажеме.

Колумна на Мартин Стрезоски