Маж со психички проблеми го претепал татко му до смрт

Жителите на Власотинце се во шок и неверување по семејното злосторство што го потресе ова место, кога П.И.(39) беше уапсен под сомнение дека до смрт го претепал својот татко. Според жителите на местото, уапсениот бил познат по проблеми со алкохолот.

– Има психички проблеми, неодамна имаше операција на главата, а освен тоа е и алкохоличар – изјавиле загрижените мештани.

Тој е осомничен дека синоќа неколку пати го удрил педесет и осумгодишниот татко, за кој се сомневаат дека починал од здобиените повреди.

– Тој е разведен, неговата сопруга ги зеде децата и замина. Се расправале со татко му  и се верува дека и двајцата биле пијани кога се случило злосторството – велат познаници на ова семејство.

На осомничениот по овластување на вишиот јавен обвинител во Лесковац му е одредена мерка притвор во траење до 48 часа и со кривична пријава ќе биде изведен во надлежното обвинителство.