Турскиот министер за правда Јилмаз Тунч верува дека Израел порано или подоцна ќе одговара пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг за своите постапки во Газа. Тој ова го изјави во интервју за весникот „Милет“ одговарајќи на прашање дали Израел ќе одговара пред меѓународно судство.
„На крајот, на Израел ќе му се суди. Затоа што пред очите на светот се колат деца. Дали за овие деца нема да се бара одговорност? Сигурно дека ќе се бара. Дури и ако тоа не може да се постигне денес, ќе поминат години и на тие убијци ќе им се суди пред Меѓународниот кривичен суд “, одговори министерот.
Според Тунч, „во моментов меѓународниот систем има недостатоци“, но се собираат докази.
„За жал, структурата на Советот за безбедност на ОН и Повелбата на ОН не дозволуваат да се реши овој проблем. За жал, правото на вето на една членка може да го отфрли прекинот на огнот и да одлучи да продолжи војната. Понудите за хуманитарна помош се одбиени. За жал, ниту најхуманото не може да се направи поради правото на вето на еден член“, истакна Тунч.