Изборот на судии за Апелација може да го забави судењето за несреќата кај Ласкарци

Изборот за апелациони судии, во опасност доведува предмети кои со години ги работи Кривичниот суд. Автобуската несреќа кај Ласкарци, случаите Титаник и Талир може одново да се судат откако судиите кои ги водат, вчера беа избрани за кривичари во Апелација.

За да се спречи одолговлекување на постапките, се бара дел од избраните судии да останат во Кривичен.

„Основниот кривичен суд се обрати до Судскиот совет со барање судијата Александра Ристеска која постапува во предметот со авотбуската несреќа кај Ласкарци, да биде времено делегирана во Кривичниот суд се до објавување на првостепената пресуда“, се вели во известувањето од Основен кривичен суд – Скопје.

Од Судски велат изборот не е правосилен. Следел и период на жалби, но и од советот велат дека може да побараат избраните судии да останат на старите работни места до завршување на предметите.

Изборите за скопска Апелација доаѓаат во време кога со извештајот на Европската комисија, Судскиот совет негативно е оценет. Министерството за правда пак денеска на иста маса ги седна екпертите кои треба да направат план за реформи на советот.. За првиот човек на работната група, поважно е да се спречат притисоците отколку да се прават нови закони.

„Дури и постојниот закон би можел да функционира добро ако не се овие девијации во неговото применување, девијации создадени од една лоша клима на притисоци врз судството, на политички влијанија, директни влијанија од поединци, од лоби груби врз судството. Гледаме дека судството станува главна тема денеска, во прв ред благодарејќи на неколку тешки случаи и јавноста со право, преку нив гледа дали правдата се остварува или не се остварува“, вели Владо Камбовски, претседател на работна група за реформа во Судски совет.