Прва средба по повеќе од една година меѓу американскиот претседател Џо Бајден и неговиот кинески колега Ши Џинпинг. Бајден гледа значителен напредок во односите меѓу двете најголеми економии во светот.
Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот кинески колега Ши Џинпинг имаа лична средба за прв пат по повеќе од една година. Тие се сретнаа на еден имот во близина на Сан Франциско и неформално се поздравија.
Уште на почетокот Бајден повика релациите меѓу Кина и САД да се уредуваат одговорно. Натпреварот меѓу двете земји според него не смее да прерасне во конфликт. Ши зборуваше за „најважните билатерални релации на светот” и изјави дека тој и Бајден носат голема одговорност за двата народа, за светот и за историјата. „За две големи земји како Кина и САД не е опција да се дистанцираат една од друга”, рече Ши. „Не е реално едната страна да ја модифицира другата, а конфликтот и конфронтацијата имаат неподносливи последици за двете страни”, додаде тој.
Подоцна беше соопштено дека двете земји ја обновуваат воената комуникација. Таквиот чекор е од „клучно значење”, оцени Бајден. Без размена може да дојде до несреќи и недоразбирања. Сега меѓу другото е планирана и средба на министерите за одбрана на двете земји, ја пренесуваат информацијата од Белата куќа новинарите присутни на патувањето.
Покрај тоа треба да има и оперативни разговори на високи воени лица од двете земји. И командантот на американската пацифичка воздушна флота ќе учествува на средбата, се вели понатаму. Ќе има и меѓусебна размена меѓу капетаните на бродовите. Американската влада минатиот месец повеќе пати забележуваше дека инаку вообичаената директна комуникација со Кина не функционира и дека тоа може да доведе до опасни недоразбирања и погрешни калкулации.